Музеј – галерија Кавадарци е институција од областа на културата и од нејзиното формирање во 1976 година до ден денес, континуирано го собира, обработува, заштитува и презентира музејскиот материјал од сите области на музејската дејност. Музејот во градот Кавадарци денес претставува месна установа чијашто надлежност е да овозможи заштита, чување и претставување на културно-историското наследство на подрачјето на градот Кавадарци и неговата поширока околина. Во склоп на музејот делуваат археолошко, етнолошко, историско одделение, одделение за заштина на споменици на културата, оддел за историја на уметност и галерија каде годишно се случуваат десетина изложби, спомен соба на Васил Хаџиманов, спомен соба на Никола Бадев. Физички овие одделенија се поделени во првичниот Музеј-галерија (во кој се наоѓаат изложбениот простор, историската поставка и административниот дел), и новиот музеј (во кој се наоѓаат археолошката и етно поставка, музејот на вкусови и спомен собите на Васил Хаџиманов и Никола Бадев).