Почетна Тиквешки Вински Пат Тиквешки регион

Тиквешки регион

Индекс на артикл
Тиквешки регион
Статистички податоци
Производство на грозје
Сите страници

Tиквешкиот регион, или винското срце на Македонија, несомнено е препознатлив по лозарството, доброто вино и ракија низ вековите.

Бидете дел од вековната традиција и посетете ги винарските региони, древните куќи што биле изѕидани со тули и со плитари направени со вино, маалските кафеани, античките локалитети... Дегустирајте вино во околните винарници и дознајте повеќе за...

...Античките Македонци кои живееле на овие простори со голема љубов ја одгледувале виновата лоза, а богот на виното, веселбата и на плодноста Дионис бил почитуван со посебен пиетет. Потврда за ова се многубројните претстави изработени од камен, мермер и од теракота, со грозје и со винова лоза, а се наоѓаат во Кавадарци, Неготино и во музеите во Белград, Софија и во Берлин.

За време на владеењето на Римјаните на овие простори, во чест на богот на виното Бахус се одржувале два пати годишно таканаречените баханалии. Прекрасни мермерни плочи се пронајдени во близина на Кавадарци во најпознатиот лозарски регион наречен Белград, од каде што потекнуваат винарите белограѓани од песната "Билјана платно белеше", на кои сликовито се пренесени претставите од свечените баханалии во чест на богот Бахус.
Луѓето во овој период негувале посебна почит спрема виното како пијалак на сите сталежи, и на богатите и на сиромасите. Виното било користено и како платежно средство, а со него дури можело да се плаќа и данок.

Лозарството како значајна гранка на земјоделството продолжило да се развива и во средниот век, за што сведочат неколку значајни минијатури кои датираат од почетокот на 10. век - откриени во атарот на село Ваташа, на кои се гледа обработка на лозја и берба. Овие минијатури се чуваат и ден-денес во ватиканската библиотека.

Првата винарска визба ја изградил кавадарчанецот Александар Велков во 1885 година. Пане Велков, пак, бил првиот школуван енолог, а во тоа време се произведувале од 80-90 илјади литри вино годишно.

Фран Туќан, хрватски геолог и патописец во почетокот на 20. век, запишал дека пред влезот на Кавадарци видел карван од коњи и од камили што пренесувал вино во мешини.

Семејството Камиларови, од Струмица, долго години им вршело услуги на кавадаречките лозари и трговци за транспорт на виното со камили, најчесто од Солун до Јужна Србија.

Во спомените на поп Шаќо, свештеник од село Ресава, потенцирано е дека во Ресава се произведувало толку квалитетно вино што можело да се носи дури и во крпа. Во многу родните години, кога луѓето не знаеле што да прават со виното, се изработувале плитари со вино, сметајќи дека така ќе бидат поцврсти. И ден-денес има остатоци од куќи во Ресава изѕидани со ваков вид плитари.

Во тоа време во Тиквешијата се одгледувале неколку сорти винова лоза и тоа: никодинка, нишавка, тиквешка лоза, мустеник, малвазија, пармак и други. На пример, само во Кавадарци тогаш се преработувале повеќе од 500 вагони грозје, а околу 800 вагони се извезувале.

Лозарството како традиција во изминатите векови се задржало во обичаите и живејачката на секое семејство од овој крај. Сè уште се негува традицијата во секое семејство да има бочви, буриња за вино и за ракија и казани за варење ракија. На верскиот празник Свети Трифун веќе со векови се негува обичајот токму на тој ден лозарот да закрои барем една винова лоза. Со благослов годината да биде родна лозата се полева со црвено вино и со ракија, обредот на закројувањето се врши со китка босилек и погача, а потоа празнувањето продолжува со песна и со чашка вино или ракија.

Во тиквешкиот регион познати се маалските прослави на верскиот празник Свети Трифун, како и масовните празнувања по кафеаните кои редовно завршуваат со музика, со песна и со оро. Слаткото грозје, маџунот и рачелите приготвени од шира - сок од грозје, претставуваат специјалитет на секоја куќа во Тиквешијата. Освен со добро вино, гостите кои најчесто вршат посети за време на гроздоберот секогаш се послужувани од домаќините и со слатки специјалитети приготвени од грозје и од шира. Овие обичаи прераснаа денес во гроздоберски манифестации проследени со многу културни случувања, саеми на вино и карневали.


 

Територија на Тиквешки регион: статистички податоци

Општини Популација Површина (км2) Бр. На населби
Кавадарци 38741 992,44 40
Неготино 19212 426,46 19
Росоман 4141 132,9 10
Демир Капија 4545 311,06 15
Тиквешки регион 66639 1862,86 84

Тиквешко виногорје

Тиквешко виногорје зафаќа површина погодна за одгледување на винова лоза во општините Градско,Кавадарци, Неготино и Демир Капија, како и дел од територијата на Општините Велес и Прилеп. Ова виногорје опфаќа рамнина и ридести терени помеѓу Велес на север и Демир Капија на југ. Под влијание на медитеранска клима од југ, континентални ветрови од север и планинска клима, се формира посебна модификација на медитеранска клима во виногорје кое е многу погодно за одгледување на грозје. Годишните врнежи се помеѓу 432 мм и 520 мм по квадратен метар, додека во лето често има периодични суши кога е потребно дополнително наводнување. Целото виногорје е покриено со систем за наводнување. Терените под лозја се ридести со благи падини од различни позиции погодни за одгледување на лозја. Плантажите под лозја се лоцирани на 110-150 метри надморска височина.

 

Карактеристики:


- просечна сума на активни температури за време на вегетација 4284ºЦ
- апсолутна максимална температура 44.8ºЦ
- апсолутна минимална температура -23.2ºЦ
- просечна темепратура на воздухот за период на вегетација 19.3ºЦ
- просечно доцните пролетни мразеви се случуваат до 23.03, рани есенски мразеви од 04.11
- просечни годишни врнежи 483 мм
- просечни врнежи во период на вегетацијата262 мм
- сума на сончеви часови во период на вегетација 1750.8


 

Производство на грозје:

 

Црвено грозје

Бело грозје

Вранец

Станушина

Мерло

Кратошија

Кадарка

Каберне Совињон

Каберне Фрнак

 

Жилавка

Жупјанка

Траминец

Темјаника

Смедеревка

Семијон

Совињон Бланк

Ризлинг

Мускат Отонел

Шардоне

Гренаш Бланк - Белан

 

 

Други потенцијали на Тиквешкиот регион:

 

- Археолошки туризам

- Тиквешко езеро (еко туризам)

- Манастири

- Зимски туризам