Почетна Знаменитости и култура Споменици и археолошки наоѓалишта

Споменици и археолошки наоѓалишта

Индекс на артикл
Споменици и археолошки наоѓалишта
Неготино
Демир Капија
Сопот
Стоби
Село Курија
Преданија
Сите страници

КАВАДАРЦИ

 

Археолошки локалитет Кавадарци

Е у д а р и с т, овој археолошки локалитет се наоѓа на левата страна од магистралниот пат Кавадарци-Прилеп на околу 2 км. северно од с.Дреново.

 

Б е л г р а д, античка населба која се наоѓа на околу 5,5 км. источно од Кавадарци во лозовите плантажи “Белград“ на истоимената економска единица.

 

Позначајни цркви и манастири во општина Кавадарци:

Ц р к в а т а  Св. Д и м и т р и ј а во Кавадарци е изградена  во 1834 година по иницијатива на богатиот кавадаречки трговец Диме Велков, кој отишол дури во Цариград и од султанот добил “ферман“  со кој христијаните од Кавадарци се стекнале со право да изградат црква.

 

Ц р к в а т а Св. Б о г о р о д и ц а во Ваташа е изградена по иницијатива на Хаџи Коле , угледен и богат ваташки трговец и кираџија, кој со голем поткуп успеал да добие ферман од Солунскиот валија за изградба на црква во Ваташа. Црквата е изградена во 1817 година, а во изградбата учествувале 80 мајстори и помош од населението од с.Ваташа. Прв свештеник во новата црква бил поп Камче, син на Хаџи Коле. Црквата има форма на трикорабна базилика, долга е 23,14 м. а широка е 10,33 м.

 

П о л о ш к и  м а н а с т и р Св. Ѓ о р ѓ и, претставува еден од најзначајните културо-историски споменици во Македонија. Изграден е во 1340 година  и според летописот на цар Душан во него е погребан Драгушин, син на деспотот Алтимир и принцезата Марија, која е родена ќерка на бугарскиот цар Скилица. Според тоа овој манастир претставува гробна црква или мавзолеј.

 

М о к л и ш к и  м а н а с т и р  Св. Никола, на околу 5 км. југоисточно од с.Ваташа  се наоѓа манастирската црква посветена на Св. Никола. Изградена е во 1595 година од Никола и неговите синови од с.Тимјаник.

 

Б о ш а в с к и  м а н а с т и р, манастирот Св. Архангел Михаил и манстирските конаци биле подигнати во 1839 година, а црквата живописана во 1880 година.

 

С р е д н о в е к о в н а т а ( М а р к о в а) к у л а во Кавадарци, кулата се наоѓа во Кулевското маало. Се претпоставува дека е изградена во втората половина на 17 век од камен и малтер. Кулата е висока околу 20 метри, а дебелината на ѕидовите е еден метар.

 


 

НЕГОТИНО

 

Значајни археолошки локалитети

Г р а д и ш т е,  се наоѓа на северозападната периферија на Неготино, високо над десниот брег на реката Вардар, на терасата со јужна диспозиција , на површина од над 3 хектари, се наоѓа  мноштво керамичен материјал со поширок хронолошки и културен распон.

 

Значајни културно-историски споменици во Неготино

С а а т – к у л а во Неготино, според едни извори Саат кулата во Неготино била направена во 1821 година од страна на Хаџи Таир-ага Синановски, кој бил многу богат и моќен бег.

Во времето на Балканските војни сатот, камбаната и другите механизми биле извадени и однесени во непознат правец. Со тоа престанало отчукувањето на саатот, а за неговото постоење како нем сведок денес сведочат остатоците од саат кулата во Неготино.

 

М а н а с т и р о т  Св. Ѓ о р ѓ и, се наоѓа источно на 2 км. од Неготино, врз темели на постара градба бил изграден денешниот манастир Св. Ѓорѓи. Според натписот на една плоча вградена на јужниор ѕид во тремот, пишува  дека манастирската црква е изградена во 1860 , односно дека е завршена во 1866 година. Мајстор градител на манастирот бил Андон Котанов од семејството Ангелковци од село Тресонче, мала Река, Дебарско.

 

 


ДЕМИР КАПИЈА

 

Значајни археолошки локалитети во Демир Капија

Теренот на Демир Капија е мошне богат со бројни археолошки наоѓалишта, меѓу нив од поголемо културно, археолошко и историско значење се:

А в т о п а т, храм од раноантичко и римско време. Се наоѓа северозападно од Демир Капија, покрај железничката линија Скопје-Гевгелија. Со работите на автопатот на местото каде што е изграден пропустот клучка биле откриени остатоци од помала градба. Се претпоставува дека се работи за светилиште посветено на диоскурите. Според наодите, локалитетот временски е датиран од ІV век пр.н.е. до ІІ век од н.е.

Б а н д е р а, , храм и некропола од римско време. На утоката на р.Бошава во Вардар се откриени делови од архитектонска декоративна пластика од монументален објект. Се работи за бази, столбови од јонски тип, делови од архитравни греди со венец, еден јонски капител, како и неколку натписи  од ІІ и ІІІ век.

Б у д у р  Ч и ф л и к, населба и некропола од доцнаантичко време. Во 1947 г. е откриен гроб од камени плочи, поставени во правец север-југ, Од внатрешната страна гробот е обложен со мермерни плочи, а подот бил послан со голема мермерна плоча, а бил затворен со обична плоча од камен. Внатре како гробни прилози имало богати предмети од злато и сребро. Подоцна при изградба на индивидуални стамбени куќи, на овој локалитет се откриени темели од објекти за живеење со повеќе простории.

Б а њ а, стотина метри западно од црквата во Демир Капија во лозјето до вилата на кралот Александар Караѓорѓевиќ е откриено поголемо присуство на фрагментарен градежен материјал, карактеристичен за римскиот период и му припаѓа на осамен објект како што е вила рустика. Во северната зона на овие лозја  (дворот на кралската вила), утврдена е хелштатска некропола, гробови во цисти од камени плочи. Во зоната на локалитетот Бања се наоѓа и турски амам, и според преданието на постарите луѓе од овој крај, тоа е јадрото на современата населба Демир Капија.

Значајни културно-историски споменици во Демир Капија

Кралската винарска визба на Александар Карѓорѓевиќ, во 1927 г. кралот на Југославија Александар Караѓорѓевиќ испратил во Македонија една група експерти со цел да пронајдат погодно место за подигање на винарска визба. Меѓу повеќе посечените места  во општините Кавадарци, Неготино и Гевгелија, како најпогодно за формирање на земјоделско стопанство и винарска визба му го предложиле имотот во селото Бања, помеѓу реките Бошавица и Вардар. Овој имот кралот го откупил во 1928 г. од Усни-бег и Мехмед-бег за сума од 2000 златни лири. Имотот во својот состав вклучувал штали за крупен и ситен добиток, а на еден километар била изградена и модерна ергела за одгледување на расни коњи. Сепак акцентот на овој имот била винарската визба во која се произведувало квалитетно црвено вино наменето за потребите на кралскиот дворец. За потребите на визбата биле набавени четири стаклени базени направени во Австрија за ферментација на грозјето. Во исто време од Србија биле донесени поголем број на дрвени буриња со капацитет од 4.000 до 6.000 литри, кои биле направени од дабово дрво и со синџири биле спуштани во винарскиот подрум. Во рамките на кралскиот имот била изградена и една луксузна вила “Кралица Марија“, пред која биле поставени две каријатиди. Се споменува дека кралот Александар само еднаш го посетил својот имот во 1931 г. по земјотресот што го зафатил овој крај, додека кралицата Марија во 1934 г, еднаш по смртта на својот сопруг го посетила имотот во Демир Капија. На кралскиот имот работеле 25 службеници, околу 150 работници и преку 60 затвореници.

За време на Втората светска војна една германска воена единица поминала во винарската визба и сакале да се напијат од складираното вино, откако виделе дека тие немаат чепови, еден војник се обидел со пукање од пушката да го пробие бурето, но дебелите дабови штици не дозволиле куршумот да се пробие.

Во 1948 г. Владата на НРМ го национализирала кралскиот имот, и тој му бил доделен на ЗИК “Демир Капија“, а подоцна со него стопанисува ЗЗ “Повардарие“ од Неготино. Со приватизацијата денес кралскиот имот му припаѓа на семејството Еленови кои стопанисуваат со него.

Пештера Бела Вода, оваа пештера се наоѓа на стариот пат за Гевгелија. Нејзината вкупна должина изнесува 955 м. Дното на пештерата на долниот канал постепено се издига, и на места се проширува во галерии, а некаде има уранати карпи од таванот, кој го одделува од горниот канал. Долниот канал на пештерата нема пештерски накит, бидејќи е млад по својот постанок, а на дното има песок, што укажува на повремениот водотек низ пештерата. На крајот на каналот е Маргаритно Езеро со пречник 8 х 12 м. и различна длабочина од 4 до 8 м. горниот канал на некои места има пештерски накит.

Пештера Змејовец, оваа пештера е составена од два дела:  едниот е поголем со должина од 150 м., а другиот е помал и има 40 м. Во пештерата има т.н. бигерни базени во кои жените фрлаат парички  за да имаат пород. Пештерата е богата со украсни предмети: драпери, сталагмити и сталактити, а по својата убавина може да се споредува и со Постојна Јама во Словенија.

Пристапноста до овие пештери е многу лоша. Во Бело Вода пештера човек мора десетина метри да ползи во лежечка положба, а потоа има високи и широки ходници. Во неа е темно и мора да се носи светло. Отворот во Змејовец е голем но до него треба два и пол километри да се оди пеш.

Црквиште, трикорабна ранохристијанска базилика, која во 1930 година ја открил и евидентирал српскиот археолог Никола Вулиќ. Базиликата има полукружна апсида, нартекс и ексонартекс и е изградена врз темелите на доцнаантичка некропола.  Северно од базиликата има два компаретимента, а северно и јужно од нартексот по една просторија-ѓаконикон и протезис. Централниот брод има мозаичен под, кој е растурен со дополнителни вкопувања. Во словенскиот период црквата е сведена само на централниот кораб, а страничните кораби служеле за погребување.


 

СОПОТ

Краток историски развој

За прв пат селото Сопот се споменува по две имиња и тоа Голем Сопот кое се наоѓа североисточно од Кавадарци во нахијата Тиквеш.

Не е познато како селото го добило своето име, но се знае, дека името “сопот“ е од словенско потекло и означува “извор“. Меѓутоа е сосема нејсно како селото го добило ова име бидејќи е сосема извесно дека селото е далеку од било каков извор за вода, и дека снабдувањето со вода  за ова село од секогаш преставувале голем проблем.

Селото се наоѓа на надморска височина од 130 м. на излезот на реката Луда Мара кон селото Курија. Кај Маренските уши е 235 м., а кај месноста Св. Јован таа изнесува до 328 м.

 

Археолошки локалитети

Во атарот на с.Сопот има неколку археолошки локалитети меѓу кои најзначаен е локалитетот ДУКЕНА-МАРЕНСКИ ВРШНИК.

ЦРКВИЧЕ-Св. ЈОВАН, на север од селото Сопот, на граничниот појас од селата Сопот и Курија се гледаат остатоци од градежен керамичен материјал. Од увидот може да се констатира дека станува збор за рурална населба која се доведува во врска со истоимениот сакрален објект.

 


 

СТОБИ

Краток историски развој на населбата

Најстар сочуван пишан извор за Стоби е забележан по победата на Филип V,

Крал на Македонија, над Дарданците, која се случила во близината на Стоби во Пајонија во 197 година п.н.е. На друго место пак историчарот Ливие запишал дека Стоби се наоѓа на устието на Црна Река (Erigon), недалеку од местото каде што таа се влива во реката Вардар (Axius), тој таа населба ја нарекол “стар град“, наспроти  новиот град Персида, кој бил основан од Филип V 183 г. пне.

Според она што денес ни е познато, по се изгледа дека Стоби е основан во текот на столетието после војната која Филип ІІ ја водел против Пеонците 359 година пред н.е.

Стоби бил влијателен град во текот на ранохристијанскиот период. Градот бил седиште на епископи, ако не порано, тогаш со сигурност од 325 година кога стобскиот епископ Будиос учествувал во Никејскиот собор. Во текот на 4 и 5 век изградени се барем три христијански базилики во самиот град, од кои двете имале и крстилници, додека две биле изградени надвор од градот.

 


 

СЕЛО КУРИЈА

Според познатиот етногеограф и етнолог д-р Воислав Радовановиќ, кој ја изработи студијата Тиквеш и Раец, што е и негова докторска дисертација, селото Курија потекнува уште од римско време, а за тоа говорат бројните пронајдени артефакти и археолошки наоѓалишта во атарот на ова село.

Значајни археолошки локалитети во атарот на с.Курија

ДОБРОГЛЕД, на југоисточната периферија од селото Курија, на блага падина со наклон кон селото, откриени се повеќе питоси и фрагментирана керамика, кои заедно со градежниот материјал зборуваат за индивиндуален рурален објект од доцната антика, на што укажува и еден гроб од типот циста од камени плочи. Оваа вила рустика и откриениата некропола припаѓаат временски на ІV – V век од нашата ера.

 

ЛАКАТА, на околу 800 м. од железничката станица Кукуречани, во нивата на Душко Трајков, на левиот браг на Курјачка река, откриени се питоси и фрагментиран керамички материјал. Станува збор за помала рурална населба од доцната антика која е населена врз остатоци на доцна праисториска населба од времето на неолитот.

 

 

 


 

ЦИГЛИ (ПЛИТАРИ) ОД ВИНО

 

Од Турските документи за историјата на македонскиот народ можат да се видат многу корисни информации за структурата и бројот на населението, меѓутоа и за обемот и видот на земјоделските производи во  Тиквешката каза (околија). Од овие документи може да се види застапеноста  на лозарството во оваа област, како и тоа дека била водечка култура, и скоро да немало населено место во Тиквешијата каде лозарството не било застапено.

Меѓу многуте исклучително родни години кои се регистрирани се  смета 1860 година. Само во Кавадарци таа година  биле набрани повеќе од 2.000.000 оки грозје, што за за едно екстензивно лозарство преставувало големо количество. Таа година била родна и во селата во кои лозарството било главна водечка земјоделска култура како: Хохово, Сопот, Ресава, Ваташа, Дабниште итн.

Многу грозје се родило во с.Ресава. Лозарите дел од грозјето го продале на пазарите во Битола, Прилеп, Крушево и Кичево, а дел го оставиле за вино и за ракија. Таа година ресавци со вино ги наполниле сите садови што ги имале по куќите, буриња, каци, крбли, врчви, корита итн. Добар дел од виното го продале, но вино имало во изобилие. Неколкумина ресавски винари да не остане и да им скисне виното се досетиле и со виното започнале да прават цигли (плитари), мислејќи дека циглите направени со вино, место вода ќе бидат поцврсти и потрајни. Такви биле куќите на Ило Биков, Дафче Кареов, Васил Дрваров, Трајче Клинчаров и др. чиишто цигли на куќите биле направени од вино. И денеска во Ресава можат да се видат остатоци од куќите , чиишто цигли биле направено со вино, бидејќи нивната боја е со црвено-бордо боја.

 

ТИКВЕШКОТО ВИНО МОЖЕЛО ВО КРПА ДА СЕ НОСИ

Познатиот руски патописец, правник, публицист и општественик Александар Башмаков ( се јавува и со псевдонимот Олег Виштиј), уште како млад пројавил голем интерес кон Балканскиот Полуостров, тоа можеби била и една од причините поради која од Санкт Петесбург се преселил во Одеса. Една од неговите позначајни книги објавена во 1885 година е “Бугарија и Македонија“, објавена на руски јазик. Тој во ова свое дело го опишал својот престој во Кавадарци и Ваташа. За климата во Тиквешијата запишал дека била многу потопла одошто по долината на реката Вардар. Тој бил воодушевен од зеленилото и распространетоста на тиквешките лозја, кои биле гордост на жителите од овој крај. Во разговор со нив сватил дека тие со многу љубов и знаење говорат за своите лозови насади, меѓутоа најголем впечаток му оставило убавото тиквешко вино, за кое имал можност само да слушне, но сега и да се увери. Во Кавадарци дошол во средината на септември кога гроздоберот бил започнат и насекаде во градот мирисало на пресна шира, а роевите на пчели и оси наголемо собирале шеќер од слатките гроздови зрна.

Башмаков ја имал таа среќа да биде поканет да присуствува на една свадба во Кавадарци, на која се служело вино и ракија во изобилие. Забележал дека кавадарчани ракијата си ја пиеле во вински чаши, а виното го пиеле од карти  (специјални садови за вино направени од дрво). Виното што го пробал на свадбата било навистина прекрасно и го инспирирало патописецот да одржи една здравица во чест на младите. По здравицата во која ги благословил младите доста внимание му посветил и на тиквешкото вино за кое кажал дека го пропатувал светот, но вака убаво вино никаде не сретнал. За виното кажал дека има таков вкус што никогаш не би го заборавил, а било толку густо што и во крпа можело да се носи.

 

ПРЕДАНИЕ ЗА ВИНОТО

 

Виното во античкиот период било пијалок на широките народни маси, него подеднакво го користеле и богатите и сиромасите, тоа служело како платежно средство а со него можело да се плати и данокот на државата. Виното како пијалок се среќава во бројните македонски народни приказни, легенди и преданија, а не ретко и во македонскиот фолклор.  Во многу убави македонски народни песни виното е опеано како пијалок со кого се прават сите веселби, но исто така и како средство за утешување на болката и тагата.

Постои македонско народно предание кое се пренесува од колено на колено и во кое се раскажува за историјата на настанокот на виното. Нејзината содржина изобилува со народна мудрост, меѓутоа и со доста хумор, бидејќи косумирањето на виното го прави човекот весел, меѓутоа понекогаш и со неконтролирано хумористично однесување.

Во познатата легенда за Дедо Ное, како тој го открил виното се вели: Дедо Ное ја пронашол лозата, пресекол од неа прачки и ги посадил во земјата. Кога ги садел прачките наместо со вода ги полеал со крв и затоа виното било црвено. Меѓутоа крвта била мешавина од кокошка, лав и свиња и кога ја ставил крвта во земјата Ное вака ја благословил: “ Кога ќе пиеш од виното што ќе го роди лозјево во почетокот ќе бидеш весел и распеан како кокошка. Кој ќе пие повеќе ке биде храбар и смел како лав, а кој ќе претера и ќе испие повеќе од предвидената мера, да паѓа на земјата и да се валка како свиња и со него целиот свет да се шегува.