Почетна Знаменитости и култура Споменици и археолошки наоѓалишта

Споменици и археолошки наоѓалишта - Преданија

Индекс на артикл
Споменици и археолошки наоѓалишта
Неготино
Демир Капија
Сопот
Стоби
Село Курија
Преданија
Сите страници

 

ЦИГЛИ (ПЛИТАРИ) ОД ВИНО

 

Од Турските документи за историјата на македонскиот народ можат да се видат многу корисни информации за структурата и бројот на населението, меѓутоа и за обемот и видот на земјоделските производи во  Тиквешката каза (околија). Од овие документи може да се види застапеноста  на лозарството во оваа област, како и тоа дека била водечка култура, и скоро да немало населено место во Тиквешијата каде лозарството не било застапено.

Меѓу многуте исклучително родни години кои се регистрирани се  смета 1860 година. Само во Кавадарци таа година  биле набрани повеќе од 2.000.000 оки грозје, што за за едно екстензивно лозарство преставувало големо количество. Таа година била родна и во селата во кои лозарството било главна водечка земјоделска култура како: Хохово, Сопот, Ресава, Ваташа, Дабниште итн.

Многу грозје се родило во с.Ресава. Лозарите дел од грозјето го продале на пазарите во Битола, Прилеп, Крушево и Кичево, а дел го оставиле за вино и за ракија. Таа година ресавци со вино ги наполниле сите садови што ги имале по куќите, буриња, каци, крбли, врчви, корита итн. Добар дел од виното го продале, но вино имало во изобилие. Неколкумина ресавски винари да не остане и да им скисне виното се досетиле и со виното започнале да прават цигли (плитари), мислејќи дека циглите направени со вино, место вода ќе бидат поцврсти и потрајни. Такви биле куќите на Ило Биков, Дафче Кареов, Васил Дрваров, Трајче Клинчаров и др. чиишто цигли на куќите биле направени од вино. И денеска во Ресава можат да се видат остатоци од куќите , чиишто цигли биле направено со вино, бидејќи нивната боја е со црвено-бордо боја.

 

ТИКВЕШКОТО ВИНО МОЖЕЛО ВО КРПА ДА СЕ НОСИ

Познатиот руски патописец, правник, публицист и општественик Александар Башмаков ( се јавува и со псевдонимот Олег Виштиј), уште како млад пројавил голем интерес кон Балканскиот Полуостров, тоа можеби била и една од причините поради која од Санкт Петесбург се преселил во Одеса. Една од неговите позначајни книги објавена во 1885 година е “Бугарија и Македонија“, објавена на руски јазик. Тој во ова свое дело го опишал својот престој во Кавадарци и Ваташа. За климата во Тиквешијата запишал дека била многу потопла одошто по долината на реката Вардар. Тој бил воодушевен од зеленилото и распространетоста на тиквешките лозја, кои биле гордост на жителите од овој крај. Во разговор со нив сватил дека тие со многу љубов и знаење говорат за своите лозови насади, меѓутоа најголем впечаток му оставило убавото тиквешко вино, за кое имал можност само да слушне, но сега и да се увери. Во Кавадарци дошол во средината на септември кога гроздоберот бил започнат и насекаде во градот мирисало на пресна шира, а роевите на пчели и оси наголемо собирале шеќер од слатките гроздови зрна.

Башмаков ја имал таа среќа да биде поканет да присуствува на една свадба во Кавадарци, на која се служело вино и ракија во изобилие. Забележал дека кавадарчани ракијата си ја пиеле во вински чаши, а виното го пиеле од карти  (специјални садови за вино направени од дрво). Виното што го пробал на свадбата било навистина прекрасно и го инспирирало патописецот да одржи една здравица во чест на младите. По здравицата во која ги благословил младите доста внимание му посветил и на тиквешкото вино за кое кажал дека го пропатувал светот, но вака убаво вино никаде не сретнал. За виното кажал дека има таков вкус што никогаш не би го заборавил, а било толку густо што и во крпа можело да се носи.

 

ПРЕДАНИЕ ЗА ВИНОТО

 

Виното во античкиот период било пијалок на широките народни маси, него подеднакво го користеле и богатите и сиромасите, тоа служело како платежно средство а со него можело да се плати и данокот на државата. Виното како пијалок се среќава во бројните македонски народни приказни, легенди и преданија, а не ретко и во македонскиот фолклор.  Во многу убави македонски народни песни виното е опеано како пијалок со кого се прават сите веселби, но исто така и како средство за утешување на болката и тагата.

Постои македонско народно предание кое се пренесува од колено на колено и во кое се раскажува за историјата на настанокот на виното. Нејзината содржина изобилува со народна мудрост, меѓутоа и со доста хумор, бидејќи косумирањето на виното го прави човекот весел, меѓутоа понекогаш и со неконтролирано хумористично однесување.

Во познатата легенда за Дедо Ное, како тој го открил виното се вели: Дедо Ное ја пронашол лозата, пресекол од неа прачки и ги посадил во земјата. Кога ги садел прачките наместо со вода ги полеал со крв и затоа виното било црвено. Меѓутоа крвта била мешавина од кокошка, лав и свиња и кога ја ставил крвта во земјата Ное вака ја благословил: “ Кога ќе пиеш од виното што ќе го роди лозјево во почетокот ќе бидеш весел и распеан како кокошка. Кој ќе пие повеќе ке биде храбар и смел како лав, а кој ќе претера и ќе испие повеќе од предвидената мера, да паѓа на земјата и да се валка како свиња и со него целиот свет да се шегува.