Почетна Знаменитости и култура Споменици и археолошки наоѓалишта

Споменици и археолошки наоѓалишта - Демир Капија

Индекс на артикл
Споменици и археолошки наоѓалишта
Неготино
Демир Капија
Сопот
Стоби
Село Курија
Преданија
Сите страници

ДЕМИР КАПИЈА

 

Значајни археолошки локалитети во Демир Капија

Теренот на Демир Капија е мошне богат со бројни археолошки наоѓалишта, меѓу нив од поголемо културно, археолошко и историско значење се:

А в т о п а т, храм од раноантичко и римско време. Се наоѓа северозападно од Демир Капија, покрај железничката линија Скопје-Гевгелија. Со работите на автопатот на местото каде што е изграден пропустот клучка биле откриени остатоци од помала градба. Се претпоставува дека се работи за светилиште посветено на диоскурите. Според наодите, локалитетот временски е датиран од ІV век пр.н.е. до ІІ век од н.е.

Б а н д е р а, , храм и некропола од римско време. На утоката на р.Бошава во Вардар се откриени делови од архитектонска декоративна пластика од монументален објект. Се работи за бази, столбови од јонски тип, делови од архитравни греди со венец, еден јонски капител, како и неколку натписи  од ІІ и ІІІ век.

Б у д у р  Ч и ф л и к, населба и некропола од доцнаантичко време. Во 1947 г. е откриен гроб од камени плочи, поставени во правец север-југ, Од внатрешната страна гробот е обложен со мермерни плочи, а подот бил послан со голема мермерна плоча, а бил затворен со обична плоча од камен. Внатре како гробни прилози имало богати предмети од злато и сребро. Подоцна при изградба на индивидуални стамбени куќи, на овој локалитет се откриени темели од објекти за живеење со повеќе простории.

Б а њ а, стотина метри западно од црквата во Демир Капија во лозјето до вилата на кралот Александар Караѓорѓевиќ е откриено поголемо присуство на фрагментарен градежен материјал, карактеристичен за римскиот период и му припаѓа на осамен објект како што е вила рустика. Во северната зона на овие лозја  (дворот на кралската вила), утврдена е хелштатска некропола, гробови во цисти од камени плочи. Во зоната на локалитетот Бања се наоѓа и турски амам, и според преданието на постарите луѓе од овој крај, тоа е јадрото на современата населба Демир Капија.

Значајни културно-историски споменици во Демир Капија

Кралската винарска визба на Александар Карѓорѓевиќ, во 1927 г. кралот на Југославија Александар Караѓорѓевиќ испратил во Македонија една група експерти со цел да пронајдат погодно место за подигање на винарска визба. Меѓу повеќе посечените места  во општините Кавадарци, Неготино и Гевгелија, како најпогодно за формирање на земјоделско стопанство и винарска визба му го предложиле имотот во селото Бања, помеѓу реките Бошавица и Вардар. Овој имот кралот го откупил во 1928 г. од Усни-бег и Мехмед-бег за сума од 2000 златни лири. Имотот во својот состав вклучувал штали за крупен и ситен добиток, а на еден километар била изградена и модерна ергела за одгледување на расни коњи. Сепак акцентот на овој имот била винарската визба во која се произведувало квалитетно црвено вино наменето за потребите на кралскиот дворец. За потребите на визбата биле набавени четири стаклени базени направени во Австрија за ферментација на грозјето. Во исто време од Србија биле донесени поголем број на дрвени буриња со капацитет од 4.000 до 6.000 литри, кои биле направени од дабово дрво и со синџири биле спуштани во винарскиот подрум. Во рамките на кралскиот имот била изградена и една луксузна вила “Кралица Марија“, пред која биле поставени две каријатиди. Се споменува дека кралот Александар само еднаш го посетил својот имот во 1931 г. по земјотресот што го зафатил овој крај, додека кралицата Марија во 1934 г, еднаш по смртта на својот сопруг го посетила имотот во Демир Капија. На кралскиот имот работеле 25 службеници, околу 150 работници и преку 60 затвореници.

За време на Втората светска војна една германска воена единица поминала во винарската визба и сакале да се напијат од складираното вино, откако виделе дека тие немаат чепови, еден војник се обидел со пукање од пушката да го пробие бурето, но дебелите дабови штици не дозволиле куршумот да се пробие.

Во 1948 г. Владата на НРМ го национализирала кралскиот имот, и тој му бил доделен на ЗИК “Демир Капија“, а подоцна со него стопанисува ЗЗ “Повардарие“ од Неготино. Со приватизацијата денес кралскиот имот му припаѓа на семејството Еленови кои стопанисуваат со него.

Пештера Бела Вода, оваа пештера се наоѓа на стариот пат за Гевгелија. Нејзината вкупна должина изнесува 955 м. Дното на пештерата на долниот канал постепено се издига, и на места се проширува во галерии, а некаде има уранати карпи од таванот, кој го одделува од горниот канал. Долниот канал на пештерата нема пештерски накит, бидејќи е млад по својот постанок, а на дното има песок, што укажува на повремениот водотек низ пештерата. На крајот на каналот е Маргаритно Езеро со пречник 8 х 12 м. и различна длабочина од 4 до 8 м. горниот канал на некои места има пештерски накит.

Пештера Змејовец, оваа пештера е составена од два дела:  едниот е поголем со должина од 150 м., а другиот е помал и има 40 м. Во пештерата има т.н. бигерни базени во кои жените фрлаат парички  за да имаат пород. Пештерата е богата со украсни предмети: драпери, сталагмити и сталактити, а по својата убавина може да се споредува и со Постојна Јама во Словенија.

Пристапноста до овие пештери е многу лоша. Во Бело Вода пештера човек мора десетина метри да ползи во лежечка положба, а потоа има високи и широки ходници. Во неа е темно и мора да се носи светло. Отворот во Змејовец е голем но до него треба два и пол километри да се оди пеш.

Црквиште, трикорабна ранохристијанска базилика, која во 1930 година ја открил и евидентирал српскиот археолог Никола Вулиќ. Базиликата има полукружна апсида, нартекс и ексонартекс и е изградена врз темелите на доцнаантичка некропола.  Северно од базиликата има два компаретимента, а северно и јужно од нартексот по една просторија-ѓаконикон и протезис. Централниот брод има мозаичен под, кој е растурен со дополнителни вкопувања. Во словенскиот период црквата е сведена само на централниот кораб, а страничните кораби служеле за погребување.