Почетна

Фондација “Тиквешки вински пат” и Росоман го стартуваа проектот за прекугранична соработка со Грција

Фондација “Тиквешки вински пат и општината Росоман го стартуваа проектот за прекугранична соработка со Грција, вреден над 500 илјади евра, од кои над 200 илјади се наменети за Росоман. Од грчка страна, во проектот се вклучени Министерството за внатрешни работи, Италијанско-грчката комора, Универзитетот Аристотел со отсекот за туризам. Извршната директорка на “Тиквешки вински пат”, Виолета Јанкова информира дека проектот опфаќа реконструкција на старата училишна зграда во Росоман. -Таму ќе добиеме Центар за туризам и изложба на храна и вино. Ќе формираме македонско грчки кластер и ќе вршиме едукација за претставници на членките во него. Ќе изработиме и промотивни материјали, појаснува Јанкова. Во рамките на активностите, планирана е и промотивна туристичка тура низ Македонија и Грција насловена “Земја на виното”, за новинари и тур оператори. Почетниот состанок помеѓу двете страни, се реализираше викендов во Солун. Проект менаџерот Ѓорѓи Крстевски од росоманската локална самоуправа, денеска информираше дека на средбата биле усогласени идните активности, но и разгледани можностите за нови соработки.